Напаѓачот на Арсенал, Емануел Адебајор откри дека до својата четврта година воопшто не можел да оди и дека неговата мајка поминувала денови во молитви за оздравување се додека еден ден во црквата не се појавила фудбалска топка.
"Во период од три-четири години со мајка ми ја пропатував цела Африка: Нигерија, Ангола, Гана... Никаде никој не ми помогна да проодам. Со денови лежев во црквата додека мајка ми се молеше за мое оздравување. Еден ден некој донесе фудбалска топка. Прв што скокна по неа, бев јас, многу ја сакав топката", вели еден од најдобрите напаѓачи во Премиер-лигата во моментов.
Оттогаш Тогоанецот почнал одлично да се развива. Постојано бил поголем од своите врсници, а достигнал и висина од над 195 сантиметри.
"Сите почнаа да плачат, а некој и рече на мајка ми: 'Вашиот син прооде поради фудбалот, значи има шанси да стане фудбалер'. И беше во право. Беше тоа чудо и основна причина зошто сум и денес толку религиозен, а мајка ми зборува за тоа секогаш кога ќе и се укаже можност", додава фудбалерот на Арсенал.